Летото што дојде откако почина дедо ми во татко ми роди огнен бунар. Црвениот амбис за кој тврдеше дека му ја усвитува и топи душата се порбиваше низ неговите очи и исфрлаше пламен кон секој што ќе го погледнеше. Оганот не можеше да го угаси со ништо. Во татко ми се раѓаше нешто, заоѓаше едно сонце, а се креваше друго, уште потопло и поопасно, и без разлика што медицината го тврдеше спротивното и скептично истураше вода и пепел врз жарот на неговата душа, огнот продолжуваше да телее во него. Се сеќаваше на младоста, ја облекуваше мајка ми во облеката која одамна не ја собираше, а таа не сакајќи да му противречи на лудоста, го слушаше како дете. Сите знаевме дека огнот кој се роди во него, силен и апокалиптичен, ќе трае кратко, но никој од нас не се осмелуваше да ги предвиди лузните кои ќе ги остави. Continue Reading
Category : поезија, ракописот на деновите
=
Чекорам долго под недофатливото небо. Мислите како низ умствена ерозија се тркалат и паѓаат врз асфалтите. Не погледнувам назад. Ноќва не сум тој што спасува! Оставам да изумрат, да се трансформираат и тие во бетон, во камен, во битумен… Но некои од нив, бесмртни отпадници, преживуваат и херојски успеваат да се фатат за мене. Се влечат по мене како тајни служби! Позади кулиси! Ги насетувам под површината на мојата сенка. Постојано јурат по мене и ме влечат назад. Како времето! Како животот! Како смртта! Continue Reading
Г. го избриша носот од ракавот и излезе низ вратата. Одеше 20 метри па заврти лево во една тесна уличка. На ѕидот покрај еден од контејнерите стоеше графит:
„ Размислувајќи за мене заборави на мене“
Г. речиси секој ден гледаше во тој графит. Не знаеше кој го напишал, ниту што точно сакал да пренесе со него. Која беше неговата порака? Кој беше одговорот на тој графит. Проба со се што му падна на памет. Најпрвин помисли на црево. Тоа се разбира немаше логика. Продолжи со чаша, пиштол, очила и многу други работи, но ниту една од нив не го даваше посакуваниот одговор. Тоа му стана своевиден ритуал кој го повторуваше секој ден.
Г. работеше како полицаец во градот. Тој стануваше на утро, појадуваше, го читаше графитот, работеше, се враќаше дома, вечераше, некое време продолжуваше да размислува за графитот, гледаше филм (во меѓувреме барајќи одговор за поентата на графитот) и на крај заспиваше. Ретко се случуваше да излезе со некој од малкуте другари кои ги знаеше. Така му минуваше времето.
Еден ден наполни 50 години и веќе беше најстариот полицаец во градот. Како и секое утро појадуваше и тргна за на работа. Излезе низ врата, одеше 20 метри па заврти лево во тесната уличка. Г. се насмевна на графитот кој секое утро веќе 25 години го поздравуваше и како по обичај почна да набројува работи што би ја одгатнале таа мала графит- загатка: пластика, шише, смеа, нога, прашање, живот, канта……..Живот! – извика тој на сиот глас и започна да се радува. Конечно откри. Се насмевна и продолжи да чекори. Одеше така неколку чекори и наеднаш застана. Се почеша по главата, ја спушти насмевката од своето лице и повторно погледна кон графитот. – Да, живот! – рече и се застрела.















