Драги мој, ти сигурно си изненаден што јас, градот од неколку магични улички, повторно ти зборувам. Помислуваш, каков чудесен град, а јас уште истиот миг црвенеам од срам и душата некако започнува да ми се топли. Од оџаците на старите куќи излегува чад. Зима е, всушност. Сѐ е толку тивко што ти драги мој воопшто не помислуваш да се вратиш во својот дом, покрај топлото огниште и нервозниот водител на ТВ приемникот, зошто за прв пат во својот живот мислиш дека се наоѓаш на правото место. Можеби не си далеку од вистината, не знам, но зарем не сакаш повторно да зборуваме?
(пауза. мачна тишина)
Знаеш…ме болат асфалтите. Пукаат. Сѐ полека се распаѓа, а ти не ни помислуваш да се вратиш од таму каде што си се вивнал како детски змеј на силен северен ветар. А велат доаѓаат полоши денови и се пострашни облаци. Водата ќе биде плитка драги мој… Зошто тогаш да не поразговараме, јас и ти… како во старите добри времиња. Било што било. Кој ќе памети. Ајде…
(пауза. истата мачна тишина)
Погледни ме! Зарем никогаш нема да го тргнеш погледот од таа проклета светилка! Знаеш и јас понекогаш помислувам дека ми доаѓа крајот! И тогаш сиви облаци се распостелуваат над моите празни улици и…. знаеш…. сите светилки се гасат! Ќе биде темно, а зимската тишина е најстрашна од сѐ! Верувај ми. Името ми е градот кој зборува: зборувај ми Владимире Лур!
* Фотографија: Никола Матоски. (кликни за zoom)
* Трет расказ од циклусот: Владимир Лур. (Записите се изведуваат во живо во вид на перформанс. Првиот таков перформанс беше одржан во Гевгелија на Бош Фестивалот во паркот „Виолета“. Следниот ќе се одржи во кафе барот Калабалак во Струга.
линк до првиот расказ: Името ми е Владимир Лур
линк до вториот расказ: Името ми е Магдалена Фо
















