Posted by Јолдески | Posted on 11-08-2009
Category : Кратки приказни за сѐ, раскази
Tags: Михаил, свеќи, светлина, фабрика
Михаил го проверуваше своето електронско сандаче. Имаше меил од неговиот пријател од другата страна на океанот. Кликна и почна да чита
„ Вчера Г. го притисна копчето над кое со лош ракопис испишав „Гравитација“ и светлото се згасна. Несмасниот сонувач-кривец кој очигледно поверува во мојата шега се засрами од својот лековерност и бесшумно излезе низ вратата. Откако повторно го притиснав копчето, светилката засвети, а само после неколку стотинки прсна и сета своја дотрајаност одново ја преточи во истата онаа мрачна темнина од пред малку. Замина мојата последна светилка, пријателче. Тажна е оваа наша земја.
Ти кажував дека во нашиот мал град продавниците веќе една година не продаваат светилки, па луѓето мора да патуваат со километри за да ги набават од соседниот град. Сепак никој не го прави тоа откако се случуваше некои да тргнат да си купат светилка за својот дом и никогаш да не се вратат назад. Денес секој еден знае дека ако ја премине границата на двата града – подоцна нема да знае да го најде излезот и дека ќе остане засекогаш таму.
Сепак, во центарот на нашиот град има една стара фабрика за свеќи. Носи име „Пандора“ и е под стечај. Се надевам дека утре ќе успеам да влезам внатре. Посакај ми среќа.
Се најдобро
Не.над. “
Михаил погледна во светилката над неговата глава, ги подигна рамениците, се почеша по главата и без да размислува ја избриша пораката.
На Стефан Голабоски.
Почивај во мир.