Во кафе барот – пеплник со 20 отпушоци и сомнителна послуга. Пасивноста е на задоволително ниво, а врз прозорецот има голема дамка. Кофеинот делува исто без разлика во кој век живеш.
Надвор луѓето се превртуваат од ветерот. Некои паѓаат неодредено, а некои, привикнатите на оваа ситна елементарна непогода со осебено искуство, кое се забележува по нивните чевли, паѓаат каде ќе посакаат и внимателно продолжуваа да чекорат. Ја палам 21-та цигара и нарачувам уште едно кафе.
На соседната маса, неколку полицајци се чудат на мојата осаменост. Го дувам бавно чадот, правејќи бела завеса пред моите очи. Сините униформи бледнеа. Никотинот се пакува, годините не. 21-от допушок испорачан.
Се смеам на славата, но не и на падот. На тротоарот веднаш до прозорецот – луѓе во круг. Некој постигнува слава. Се обидувам да видам што се случува, но се што гледам се само грбовите на публиката. Претпоставувам дека некоја постигнал перфектен баланс. Купот со луѓе се придвижува и ми бега од видикот. Сеедно. 22-та цигара.
Кафе барот остана празен. Барменот пушти Nancy Sinаtra, се слушна: Bang! Bang! … а потоа ја спушти главата и заспа врз шанкот. Изгреа сонце. Те сакам – ме сакаш. Четири сезони во еден ден. Музиката и љубовта имаат право на дождот колку што имаат право и на сонцето. 22-от отпушок, последната капка кафе.
Пепелникот е голем. Влегуваш ти. Песната почнува одново. Барменот се буди и зева. Седнуваш до мене.
- Повелете.
- Кафе – одговараш и се смееш.
Земам уште една цигара од кутијата.
- Чекај! – ми викаш и погледнуваш на часовникот. – Сега!
Ја палам цигарата, а ти отпиваш од кафето. Јас и ти – кафе и цигари. Jarmusch не заборавил,
но времето не.
Среќен роденден – 23 не се дели со 12, но и така не ни е потребно да бидеме совршени…
На Гога со љубов.