twitter

Prev

Next

ОганОган Летото што дојде откако почина дедо ми во татко ми роди огнен бунар. Црвениот амбис за кој тврдеше дека му ја усвитува и топи душата се порбиваше низ неговите очи и исфрлаше пламен...

Read more

ПатувањаПатувања Оливија излегуваше рано наутро и без да знае земаше сѐ: мебелот, гитарата, перниците, сите минати сеќавања, мирисот на портокал и вкусот на круша што наседнал на усните, сето време...

Read more

МаглаМагла Скопје. Корегиран дискурс. Надвор паѓа ситен дожд. Едната половина на градот е под вода, а другата ранета плута по градското езеро. Некаква црна птица удира во полуотворената ролетна....

Read more

Мостот, магичната труба и големиот бел галебМостот, магичната труба и големиот... На 5 март 2011 година, на веб сајтот на Ненад Јолдески осамна краток расказ напишан на струшки дијалект и сленг со наслов Мост Холограм. Расказот, кој тука нема да се обидам да го анализирам,...

Read more

Обид за дијалогОбид за дијалог години во овој проклет плакар ко изветвен капут мирисам на нафталин на закопан стих на недоречени зборови ко залутано писмо што никому не раскажува архиви на пошти луѓе трагачи несвесни затаени уморни стојам сега...

Read more

Дрвја со крошни под земјаДрвја со крошни под земја Дрвјата се оголени. Луѓето се повлекуваат во себе како полжави. Градот ја следи идејата. Метафорите ми се чинат испразнети. Дрвјата се оголени. Мислам дека се разболувам. Ги бришам...

Read more

Мајка ми, поплавата и краткиот расказМајка ми, поплавата и краткиот...      Eдно сиво септемвриско утро, мајка ми влезе во собата и ме разбуди. Сакаше да знае какви тоа раскази сме си подавале со татко ми. И одговорив како секој син: никакви, остави ме...

Read more

КуќаКуќа на О. Ладни ветришта во обиколка ja кружат куќата. Застудува. На прозореците удира ситен песок. Безбеден сум. Некој ѕвони на вратата. Поштарот. Ми предава минијатурно писмо. Се присетувам...

Read more

СпиралаСпирала Скопје. Чиј е овој расказ? На запрашените полици на изнајмениот стан ме пресретнаа неколку книги: Станецот на Ками, Болен Дојчин на Сталев, Избор на драми на Стринберг, Одбрани...

Read more

Црно на белоЦрно на бело Сакам да го запишувам она што го сонувам, но понекогаш кога ќе се разбудам низ мислите ми се врти само тропотот на тешката чизма на темнината што ми дефилирала во сонот. Еве денеска....

Read more

ракописот на деновите Rss

Кратка приказна за диригентот и тивкиот оркестар

Category : Кратки приказни за сѐ, раскази

Седев и слушнав како некој со устата ја свирка мелодијата „На убавиот син Дунав“. Погледнав од прозорецот кон улицата – беше тоа еден ѓубреџија кој бавно го туркаше контејнерот. Се напрегаше да го префрли преку улицата но тркалата едноставно не го следеа истиот правец. Го набљудував. Беше весел. Туркаше силно врз големото сиво железо и весело свиркаше. Најпосле откако успеа, се врати неколку чекори наназад, триумфално погледна кон него насмевнувајќи се, а потоа се качи врз камионот за ѓубре и замина. Како што заминуваше така и заразна мелодијата се оддалечуваше од мене. Беше точно 12 часот на пладне. Останав на прозорецот а низ главата ми се моташе мелодијата на Штраус. Се до вечерта не можев да ја иставам од главата. Каде и да одев таа ме следеше а со неа и сликата на веселиот ѓубреџија. Легнав да спијам. Сонував како туркам контејнери по улиците, се качував врз нив свиркајќи и се спуштав по удолниците на градот.

Кога се разбудив беше 12 часот. Мелодијата се уште беше во мене. Не бев во можност дури ни да мислам – мојот мозок беше преуморен од свирење. Тогаш слушнав друго свиркање. Овај пат тоа беше првиот став од Пролетта на Вивалди. Излегов на прозорецот и повторно го видов истиот ѓубреџија како свирка и го празни контејнерот. Повторно се смееше и повторно со истата кореографија на движење замина од тука. И така како со магија јас почнав во себе да ја повторувам „Пролета“, и повторно тоа траеше цел ден. Ноќта повторно сонував.

Следниот ден чекав на прозорецот. Надвор врнеше, а него го немаше. Пробав да замижам и како мало дете се надевав дека ќе ја слушнам неговата нова мелодија. Залудно. Се повлеков внатре. Тој ден сите во зградата беа некако тивки, толку тивки што дури и на мртовците би им се смачило.

4 приказни за смеата

Category : поезија, поезија на македонски јазик

1. Приказна од градот

Главните улици формираат квадрат.
Две се еднонасочни, две полни со дупки.
Ти секогаш си пијана,
па сеедно ти е каде ќе те прегазат. Continue Reading

Кратка приказна за часовниците

Category : Кратки приказни за сѐ, раскази

Во градот постоеше мала зелена трафика. Таму немаше дневен печат, магазини, мастики, бинго и грепки, немаше ниту ефтина конфекција или пак берберница како што најчесто биднува во таквите мали градчиња. Нејзиниот излогот гледаше на улицата и беше преполн со најразлични часовници. Како мал често гледав во излогот и во тажниот часовничар кој седеше на мало дрвено столче. Погледот од секогаш ме излудуваше: безброј часовници кои отчукуваат и тажен старец со бела коса. Секогаш кога ќе погледнев во излогот денот ми се стануваш толку бесмислен што неможев да направам разлика помеѓу зависноста на локалните наркомани и самото време!
Еден ден решив да купам часовник (со единствена цел дека само така ќе го намалам нивниот број). Влегов бавно во малата продавница и без воопшто да речам нешто одбрав еден голем правоаголен часовник и му ги подадов парите на старецот.
- Тој не е на продажба синко. Жалам. – ми рече насмевнувајќи се благо и продолжи да го поправа малиот џебен часовник што го држеше во раката.
- А смеам ли да знам зошто? – му реков.
- Мислам дека не работи…да…тоа би било главната причина – рече во три кратки серии и започна да кашла.
- Добро тогаш ќе го земам овај тука. – реков и го подигнав еден од часовниците.
- Жал ми е синко – ми рече – но и тој не е на продажба.
- Тогаш ќе одберам друг. Еве тој тука – му реков и чекав на неговиот одговор.
- Дете! – извика – слушни ме внимателно, ниту еден од часовниците не е за продавање!
- Тогаш зошто воопшто седиш тука меѓу нив и го трошиш времето на времето?
- За да ме потсетуваат! – рече со видна нервоза.
- На што!? – упорно го прашував.
- На времето, – рече- на што дури би ме потсетувале цел куп часовници! Какви бесмислици! Излегувај надвор!

Излегов од трафиката и ноќта воопшто не заспав.
Утрото сите беа во паника. Се зборуваше дека некој ја запалил продавницата со часовници, дека стариот часовничар полудел, дека се шета низ градот и зборува бесмислици, мисли дека е часовник, дека полицијата го знае човекот кој што го направил сето тоа и дека веќе трага по него. Поминав покрај местото каде порано стоеше малата трафика. Се беше престорено во пепел. Стрелките на часовниците кои беа измешани со пепелот даваа прекрасна фотографија. Се чинеше како тој што ја запил продавницата да сакал да направи слики отколку штета. Дури го замислив и како ги изместува железните стрелки низ пепелта.
Поминаа години и никој никогаш не откри кој ја запали продавницата на часовничарот. Јас веќе бев во својата 28 година и се уште немав часовник. Кога ќе ми затребаше еден, излегував надвор и го барав стариот часовничар – тој секогаш го знаеше точното време без разлика што сите кажуваа дека е тотално луд. Изгледа никој освен мене не го прашуваше тоа што најдобро го знаеше – времето и само времето! Но да бидеме искрени – изгледаше навистина страшно соочен со големото сино небо – никој не беше навикнат да го гледа во таква фотографија…речиси никој…

Недоразбирање

Category : поезија, поезија на македонски јазик

Ме излудуваше малата зелена трафика за часовници
-ги правеше моите денови бесмислени. Continue Reading

Кратка мала приказна

Category : Кратки приказни за сѐ, раскази

А, Т. и М. седеа во еден од локалните кафе барови. Разговараа нешто сосема неважно. Т. рече:
- Онај таму пие пиво.
- Па што? – се огласи М. и се почеша по главата како да сакаше да каже дека нешто не и е јасно.
- Па ништо – рече Т. – Ти кажувам без причина.
- Многу е убав и секси! – започна да вика таа. – и некако му стои шишето.
- Досадна си – и врати Т.
- Само понекогаш, најчесто кога сум со тебе, но секако тоа не е случај со другите мажи. – рече М. не тргајќи го погледот од мажот на соседната маса.
- Кој други мажи? – зачудено праша Т.
- Па тие кои за разлика од тебе можат да ме задоволат!
Т. стана од масата, стигна до човекот со пивото , го зеде шишето и го удри со него по главата. Шишето се рапарчи а човекот падна на земјата. Т. ја тресна вратата од кафе барот и излезе надвор.
- Мислиш дека претерувам? – го праша М. на А.
- Да – одговори смирено.
- Значи, сакаш да кажеш дека сум кучка?
- Да – и одговори со истиот тон без да гледа во неа.
- Знам, но тоа е само понекогаш – рече – кога ти не си толкав плачко без јајца и со мал кур.

Ја погледна и тогаш нешто чудно му се слули. Стана и го удри паднатиот човек со клоца по стомакот. Тој не се мрдаше и главата му крвареше. Излезе надвор. Беше топло.

- Глупаво сонце! – извика на сиот глас и ја шутна топката на едни мали деца толку далеку што наликуваше како да сака да го изгасни сонцето.

– Глупаво сонце! – повтори и гневно продолжи да чекори бришејќи ја потта од своето чело.