Х. никогаш не можеше да се досети дали неговата љубовница, убавата госпоѓица У. ги сакаше калите а ги презираше хризантемите, или беше обратно, ги сакаше хризантемите а ги презираше калите. Поради тоа тој никогаш не и купи цвеќе, а таа започна да го презира него повеќе од калите. Со секој изминат ден, нејзината одбивност кон Х. се зголемуваше и така еден убав пролетен ден, ги спакува своите работи, го зеде Авадон (дебел сив мачор) и замина од градот. Никогаш повеќе не се сретнаа со Х.
Таа почина мислејќи на тоа колку безвредни мисли чуваше во своите неурони, а тој со насмевка на неговото лице, мислејќи дека патува во луциден сон, беше прегазен од воз. Не успеа да помисли на неа за последен пат.
* * *
Ф. беше преркасен човек, со небесно сини очи, и немирна кратка коса. Живееше сам од својата 16 година. Никогаш не беше бакнал ниту едена девојка. Неговиот живот беше исполнет со сонови. Најчесто ја сонуваше Д, неговата сосетка. Често зборуваше со себе си, дека соновите му се доволни, дека нема потреба од пригушени светла, црвени срца и лигави музики. Понекогаш дури се убедуваше, дека ако Д. му се предаде тоа нема да биде ни блиску толку добро како во неговите сонови. Се разбира, тој грешеше. Така живееше до својата 5о година, никогаш не се ожена а ниту бакна девојка. Почина во сон.
Д. живееше исто колку него. Почина сама, уништена од алкохол и со безвредните соништа кои цел живот ги гаеше за еден човек, со небесно сини очи и немирна кратка коса.
Двајцата живее во град каде што немаа и многу избор.
* * *
Л. одсекогаш сметаше дека животот и се во него е една голема лага. Тој често зборуваше дека не постои апсолутна вистина и дека сите ние сме креатори на лаги. Тоа го потиснуваше, го смалуваше и без разлика колку му беше прекрасно во своите лаги, мислата за нив му се враќаше како челичен бумеранг и болно го умртвуваше.
В. мислеше дека постојат бесконечно многу вистини. Зборуваше дека, секој човек живее со својите вистини и дека во една соба може да се пронајдат бесконечно многу вистини.
Се сретнаа во автобус. Почнаа да разговараат. Л. тврдеше дека секој си го избрал сопствениот пат преку создавање лаги и дека не постои вистина. Таа се спротиставуваше на тоа и му зборуваше дека е токму обратното, декоа секој го избрал сопсвениот пат со создавање на своја вистина. Таа вистина функционира, иако кај сите различно, но само затоа што е единствена, тоа не ја прави лажна. Никогаш не се разбраа.
Двајцата починаа после триесет години. Л. никогаш неуспеа да пронајде вистина иако В. ги нудеше бесплатно.
* * *
Извадок од неделниот магазин Судбини. Подготвил Ј.Н. Секој кој има да пријави судбина нека ми напише преку мејл, ПП или коментар. Неговата вистина или лага ќе биде земана во предвид и надополнета на оваа електронска страница.















