Скопје. Корегиран дискурс.
Надвор паѓа ситен дожд. Едната половина на градот е под вода, а другата ранета плута по градското езеро. Некаква црна птица удира во полуотворената ролетна. Трета за денеска. До мене стои книгата за Бројгел која ја позајмив. Се присетувам на „Падот на Икар“. Чудно е, но не можам да си го споменам Бројгел, а на неговото име како асоцијација да не ми се закачи и Вилијамс.
„ According to Brueghel
when Icarus fell
it was spring. “
Ја барам сликата внатре. Ја нема. Наместо неа гледам во „Ловци во снегот“. Ова е можеби десети пат како случајно ја гледам. Неколку пати со Оливија, неколку пати сам. Почнувам да верувам дека ми најавува нешто апокалиптично. Зимата можеби. Сеедно.
Дождот престанува. Излегувам надвор. Градот, надвиснат од темни облаци, ги шета своите призраци по немите магливи булевари. Мириса на зима. Леден северен ветар се одбива од зградите. На рабовите на тротоарите набрзина се нафаќа мраз.
Излегувам на улицата што се спушта стрмно надолу во срцето на градот и насетувам како низ тешките драперии од смог и магла ме следi глутница уморни и прегладнети пци. Застанувам во место. Кучињата не ме забележуваат и ме одминуваат. Ги следат тројца ловџии со пушки. На небото прелтуваат стотици гаврани. Ловџиите нишанат и гаѓаат во небото. Еден од куршумите пробива стакло, но на земја не паѓа ништо. За среќа не ме забележуваат.Бегам во најблиската продавница за да сокријам на безбедно. Низ излогот гледам како ловџиите и прегладнетите пци се губат низ маглата. Продавачот лежи мртов. Набрзина се враќам во својот дом.
Седнувам на масата. Еден гавран, сигурно загубен низ густата магла, удира во прозорецот и полумртов кршејќи го стаклото влетува внатре. Внатрешноста се полни со белина. На ногата на гавранот забележувам порака.
Не излегувај надвор. Ги сонувам ловците.
Го задоволуваат гладот, го надјасуваат поразот…
Оливија.
Брзо ја заклучувам вратата. Книгата за Бројгел се уште стои на масата. Во собата се населуваат гаврани. Правам чај и удобно седнувам во фотелјата. Среќен што сум жив. Чекам да се разбуди.
——————
слика на слајд: Nicoletta Ceccoli
















… [Trackback]…
[...] Read More Infos here: joldeski.com/archives/2759 [...]…
Tindersticks II